МАДРИД ЌЕ ЈА ДОБИЕ НАЈГОЛЕМАТА УРБАНА ШУМА ВО ЕВРОПА, ЌЕ СЕ САДАТ 450.000 НОВИ ДРВЈА

Мадрид, (Лонли планет)

Властите на Мадрид сакаат да го направат градот уште позелен така што тој ќе ја добие најголемата урбана шума во Европа.

„Ел Боско Метрополитано“ (Метрополска шума) ќе бидат новите бели дробови на Мадрид со повеќе од 450.000 дрвја и друга вегетација. Таа е дел од планот познат како „Мадрид 360 степени“, серија мерки со кои градските власти се обидуваат да го подобрат квалитетот на воздухот и да ги ограничат штетните емисии согласно барањата на Европската комисија.

Шумата ќе се протега долж 75-километарскиот еколошки појас околу периметарот на Мадрид и ќе содржи нови паркови, детски зони и патеки за пешачење, велосипедизам и домашни миленици. Првите дрвја ќе бидат посадени во октомври.

Мадрид располага со мноштво зелени простори, при што 44,85% од градот се покриени со зеленило и јавни паркови. И покрај тоа, аерозагадувањето е голем проблем за градот поради густиот сообраќај.

„Ел Боско Метрополитано“ е проект што ќе се развива 12 години и откако ќе биде завршен, се предвидува дека ќе апсорбира 170.000 тони штетни емисии годишно, ќе го подобри биодиверзитетот и ќе го намали звучното загадување.