Марјан Зафиров е најмустаќ на Велес, а мустаќ во обид е Велимир Арсов. Ова е изборот на завршницата на традиционалниот настан организиран од здружението Мовембар од Велес. Учесниците имаа обврска да ги носат и обликуваат мустаќите 30 дена во ноември, кога преку повеќе неформални содржини се подигаше свеста за машкото здравје и за болестите рак на простата и рак на тестиси.
Признание за највозрасна група добија четворица велешани, Миле, Дејан, Драган и Павел, кои заедно имаат 243 години и го популаризираат движењето Мовембар години наназад. На забавата дојде и пејачката Ноне Неделковска, која овој период од годината се врати дома во Велес.
Завршната забава за најмустаќ на Велес се одржа по 11. пат.
Изминатиот месец, здружението продаваше маички и други предмети и дополнително ќе се одлучи каде ќе се вложат собраните средства. На завршната вечер имаше и донаторска каса, во која присутните пуштаа пари. Лани се купи апарат за уролошкото одделение во Велешката болница.
Годинава, заедно со оваа здравствена институција, беа поделени 50 ваучери за ПСА тестови на простата.
П. ПЕЧКОВ