Спортските натпревари се возбудливи за фановите, но предизвикуваат голем наплив на емоции, што може да доведе до ризик од срцев удар, покажува истражување на германски научници.
Тие наведуваат дека за време на Светското првенство во фудбал во 2014 имало зголемен број на хоспитализирани луѓе поради инфаркт. Тие зеле податоци од болниците и ги споредиле приемите во болниците и смртноста како резултат на срцев удар во четири различни временски периоди.
Во текот на јули 2014 за време на СП, во Германија имало 18.479 приеми во болниците, 3,7% повеќе во споредба со истиот период во 2015 и 2,1% повеќе од 2013. Во август 2014, по завршувањето на СП, стапката паднала за 5,4%.
Стапката на смртност на пациентите со инфаркт била најголема на денот на финалето, во кое Германија ја победи Аргентина со 1:0.
„Гледањето фудбал може да влијае на вашето срце, нема сомнеж. Затоа лицата од ризични групи треба да бидат особено внимателни за време на актуелното Европско првенство и притоа да намалат со алкохолот и да не пушат. Ова не се однесува на сите мечеви, туку само на оние за кои гледачите се особено возбудени“, изјави кардиологот Томас Мајнерц.