Рачно подготвената пица доби ривал, пица направена од робот. Француската компанија „Еким“ сака да го промени и да го забрза начинот на производство на пица, со користење на мајстор робот и се надева дека наскоро ќе го инсталира во ресторани кои работат 24/7.
Движењата на роботот се програмирани за да се совпаднат со оние на вистинските пица-мајстори и со три раце може во исто време да направи повеќе пици.
„Ние не сме побрзи од пица-мајсторите, бидејќи направивме пица за четири минути и 30 секунди. Но, сме побрзи во испораката. Ние испорачуваме една пица на секои 30 секунди, што ни овозможува да испорачаме 120 пици на час, а пица-мајсторот може да направи само 40 пици на час“, изјави директорот на „Еким“, Филипе Голдман.
Идејата доаѓа од двајца инженери од „Еким“, кои како студенти јаделе неквалитетна брза храна, бидејќи тоа биле единствените оброци кои можеле да си ги дозволат.
Роботот во моментов е во изложбен салон надвор од Париз, додека компанијата бара локација каде ќе може да прави пица, користејќи продукти од Франција и Италија.
Како и со автоматите за храна и пијалоци, гостите преку автоматски екран ќе можат да одберат од големиот избор на пици, вклучувајќи ги традиционалните маргарита и кватро формаџи.
„Луѓето денес сѐ помалку и помалку имаат време за јадење, тешко е да одвојат 30 минути за ручек. Затоа треба да избираат помеѓу времето и квалитетот на храната. Она што ние го правиме е дека ги обезбедивме и двете”, рече Голдман.
Други ресторани низ светот користеа автомати за служење, а во еден во Калифорнија, луѓе и роботи заедно прават пици.