Хрватските рок ветерани „Парни ваљак“ бараат привремена замена за својот легендарен пејач Аки Рахимовски, кој заздравува од мозочен удар.
Тие не откриваат или навестуваат кој би можел да го замени Аки на претстојните концерти, но тоа ќе биде првпат од основањето во 1975 година, групата да има друг пејач.
„Аки во нареден период нема да настапува. Тоа е само од претпазливост. Добро напредува, но не сакаме да го оптоваруваме“, кажа менаџерот на групата, Дино Бахтијаревиќ.
Бендот ќе го има првиот настап без 62-годишниот Аки на 17 мај. Тој е еден од основачите на групата и беше вокал на сите 18 студиски албуми.
Во почетокот на минатиот месец, тој претрпи полесен мозочен удар и иако заздравува, сè уште постои можност да оди на операција. Во меѓувреме, го смени начинот на исхрана и ги откажа кафето и цигарите.
„Татко ми сè уште се лекува и одмора. Нема да биде подготвен за настапи уште некое време, но сите се надеваме дека ќе се врати на сцена“, изјави неговиот син Кристијан.
Аки додаде дека е оптимист по тоа прашање.
„Верувам дека сè ќе биде во ред. Се чувствувам добро и се надевам дека наскоро ќе им се придружам на колегите од бендот“, изјави Рахимовски.