Уметничката колекција на Боб Дилан за првпат ќе биде јавно претставена на 30 ноември во Мајами. Насловена „Ретроспектрум“, таа опфаќа шест децении уметничка дејност на музичарот и нобеловец и вклучува над 120 слики, цртежи и скулптури.
„Ретроспектрум“ имаше премиера во Шангај во 2019, но оваа поставка содржи нови и досега непознати дела за јавноста, како и комплетно нов циклус насловен „American Pastoral“.
Најголем дел од творештвото на Дилан е рефлексија на неговите постојани патувања низ САД, со голем афинитет кон американската уметност. Новиот циклус не е исклучок од тоа. Од деби изложбата во 2007 во Германија, легендарниот музичар, кој месецов ќе наполни 80 години, е сѐ поактивен. Неговите дела досега беа изложувани во Лондон, Копенхаген, Милано и Шангај.