БОЛЕСТА МЕ НАУЧИ ДА ГОВОРАМ БЕЗ ВЛАКНА НА ЈАЗИКОТ, ВЕЛИ ИВАНА МИЛОШЕВСКА ЗА СВОЈАТА КНИГА „УБИЕЦОТ КОЈ НЕ МЕ УБИ“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Велешанката Ивана Милошевска ја издаде книгата „Убиецот кој не ме уби“, во која ја опишува личната борба против болеста со која се бори дел од нејзиниот живот. Книгата беше промовирана во градската библиотека „Гоце Делчев“.

„Долги години поминав низ разни случки, некои убави, кои ми дадоа инспирација како понатаму во животот, љубовта која ја даваме, за возврат не знаеме дали ќе ја добиеме, а не ја купуваме. Втората половина од книгата е за убиецот мојот сопатник, оваа опака болест, леукемијата и ракот, што ме натера да бидам многу посилна од што сум мислела дека можам. Да говорам без влакна на јазикот, бидејќи вистината и само вистината успева денес да ја зголеми свеста кај луѓето“, кажа авторката Милошевска.

Книгата беше промовирана во градската библиотека „Гоце Делчев“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Со ова нејзино дело Ивана поттикнува надеж и сила кај сите кои се соочуваат со слични предизвици и проблеми, дaва совети како човек дa се справи со болеста.

„Ова девојче не само што се бори за своето здравје, туку ни покажува дека соништата можат да станат реалност. Нејзината книга е доказ дека секој од нас има сила да направи разлика, да создаде нешто вредно и да остави трага во светот“, рече директорката на библиотеката Снежана Бошевска.

„Авторката на оваа книга и покрај сите предизвици со кои се соочува, успеала да создаде нешто прекрасно и значајно. Нејзината приказна е потсетник за сите нас дека без оглед на тешкотиите, секогаш постојат надеж и можност за промена. Нејзината приказна нека нѐ потсетува дека животот е дар и дека секој момент е можност за нов почеток“, кажа промоторката Весна Атанасовска.

Сите собрани средства од продажбата на книгата ќе одат за лекување на Ивана во Турција. Книгата е отпечатена во „Индиго Хуб“ во Скопје, кој се откажал од надоместок.

П. ПЕЧКОВ