Македонскиот народен театар (МНТ) денеска слави 75 години од својата прва премиера, претставата „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров. Театрите, како и сите други културни и воспитно-образовни установи, со одлука на Владата од минатиот месец се затворени поради ширењето на коронавирусот.
„Иако денес сцената е празна, сите ние ги чувствуваме мирисот на сцената и театарската светлина во нас. Сите овие изминати години беа исполнети со дружење, смеа, креативност, силина, моќ, радост… Вие, актерите од различни генерации, одигравте/играте на сцената со бескрајни посветеност, страст, жар и пожртвуваност и секогаш дававте/давате сѐ од себе“, велат од МНТ.
Огромен е бројот на режисери, драматурзи, сценографи, костимографи, композитори, светло, тон и видео-мајстори, инженери, гардеробери, реквизитери, шминкери, фризери, изработувачи на сценографија, декоратери и административци кои со неуморна сила секогаш се присутни зад сцената, овозможувајќи непречено да се одвива магијата.
„Сите заедно направивме театарот да живее, расте и развива и истовремено да се прикаже миг од животот пред верната публика. Иако првпат се соочуваме со празна сцена и празни седишта, повторно светлата ќе се запалат и вие, актерите, ќе ги облечете костимите и ќе изговорите текст, затоа што театарот бил, тука е и ќе остане засекогаш. Иако сега е тивок период на сцената, неговото бескрајно патување низ времето продолжува со креирање и планирање нови претстави, проекти и изложби“, велат од театарот.