На 25 мај, во Скопје, Струмица, Крива Паланка, Битола, Велес, Струга и Тетово ќе се одржи хуманитарната иницијатива „Сите за Кочани – трчаме заедно“ за помош на семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа 62 лица, а 193 се повредени. Организатори се Делегацијата на Европска Унија и мрежата „Европска куќа“.
„Во оваа хуманитарна иницијатива може да учествува секој, без разлика на возраста или физичката подготвеност. Трките се наменети за сите: рекреативци, спортисти, аматери, помлади и повозрасни, бидејќи не се работи за километри, туку за солидарност. Пријавувањето е отворено и може да се врши преку платформата sitezakocani.mk, каде што секој заинтересиран може да избере град и да стане дел од најважната трка оваа година. Сите средства собрани од котизациите ќе бидат донирани преку Црвениот крст, кој ќе ги насочи кон заедницата во Кочани, осигурувајќи секоја донација да оди таму каде што е најпотребна“, велат организаторите.