ДЕСЕТМИНУТЕН АПЛАУЗ ЗА ТАНЦОТ И БОИТЕ НА МИСТИЧНАТА КИНА ВО ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Кинеските танчари синоќа ја воодушевија публиката во Велешкиот театар со танцот, енергијата, традиционалната музика, специфичните костими изработени од свила, боите и со впечатливата кореографија.

Низ повеќе слики како Будење, Течение, Инстинкт, Ослободување и Форма, танчарите покажаа чувства како заљубеност, тага и радост

Сето ова, во 90-ина минути, преку претставата „Фен Мо“, го пренесоа 31 танчар од Академијата за танц од Пекинг, како дел од „Танц фест Скопје 2018“.

Низ повеќе слики, како Будење, Течение, Инстинкт, Ослободување и Форма, танчарите покажаа чувства како заљубеност, тага и радост, по што публиката ги поздрави со десетминутен аплауз.

Танцот во „Фен Мо“ е инспириран од поговорката „Ако еден сликар користејќи го мастилото може да алудира на петте бои, тогаш тој ја знае есенцијата на сликањето, но никако не смее да се фокусира само на боите, бидејќи ќе се оддалечи од суштината“

Претставата е инспирирана од сликарството на древна Кина, илустрирана со традиционална кинеска музика.

Кореографот ги преточува потезите на сликарот со четката во движење и ритам, создавајќи ги сликата и мистиката на Кина.

Танчарите се на 22-дневна турнеја низ Европа со девет настапи, а утревечер се во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје.

Кинезите со претставата „Фен Мо“ утревечер од 20 часот ќе се претстават во МНТ во Скопје

Потоа заминуваат во Бугарија, Унгарија и Полска. Гостувањето во Македонија е преку културниот центар „Интерарт“, со посредство на амбасадата на Народна Република Кина во Скопје.

Академијата за танц од Пекинг е основана во 1954 година и е една од поголемите во светот, со 500 предавачи и 2.500 студенти.

П. ПЕЧКОВ