ДВЕ ПРВИ НАГРАДИ ЗА МЛАДИТЕ БАЛЕРИНИ ОД „ЛУЈ“ НА МЕЃУНАРОДЕН НАТПРЕВАР ВО ТУРЦИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Две први, една втора и две трети награди освоија учениците од балетскиот оддел – насока за класичен балет од ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ во Скопје на меѓународен балетски натпревар во Бурса, Турција.

Прва награда освои балерината Антонија Атанасовска, чија менторка е професорката Дафина Данилоска-Кочевска. Трета награда освоија Искра Давидовска, чија менторка е професорката Слаѓана Спасеновска и Дион Карпузи, кој работи под менторство на професорките Маја Митровска-Богојевска и Дафина Данилоска-Кочевска.

 

Прва награда му припадна и на ансамблот „Пахита“, во кој играат Мила Николова, Јана Кепеска, Антонија Атанасова, Веда Анѓушева, Матеа Канзурова, Томрис Шабан, Ина Стојановска, Симона Савевска, Виола Имери, Елса Ајрулаи, Лана Иванова, Теа Серафимов, Јана Талеска, Софија Дуданова и Софија Крстева. Нивна менторка е професорката Дафина Данилоска-Кочевска.

Учениците од балетскиот оддел, насока за класичен балет од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ освоија вкупно пет награди (Фото: „Луј“)

Втора награда освои и ансамблот „Снегулки“ со изведба на „Оревокршачка“, под менторство на Дафина Данилоска-Кочевска.

 

Стипендија за Државното балетско училиште во Берлин добија Антонија Атанасовска, Јана Кепеска и Виола Имери.

 

„Овој натпревар беше непроценливо искуство и задоволство за нашите ученици, се претставија пред светски реномирано жири, кое ги награди со највисоки оценки“, велат професорите на младите балетски уметници.

 

Жирито беше составено од директори на училишта и танцови академии, професори, кореографи и балетски првенци од Берлин, Цирих, Лозана и други градови.