Оскаровката Ема Томпсон доби титула дама од британската кралица Елизабета Втора.
На листата се и ланскиот нобеловец за литература Казуо Ишигуро и поранешниот фудбалер и тренер на Ливерпул Кени Далглиш, кои беа прогласени за витези.
Ишигуро е роден во Јапонија, но од петгодишна возраст живее во Британија.
„Длабоко сум трогнат што ја добивам оваа титула од нацијата која ме прими како мало дете од странство“, изјави Ишигуро.
Според соопштението од кралските власти, 59-годишната Томпсон, единствена жена која има добиено Оскар за најдобра актерка и за сценарио, е една од најславните британски актерки со најразлични актерски креации зад себе.
Покрај неа, за офицери на Британската империја беа прогласени и актерите Том Харди и Кира Најтли.