ЕВРОПСКОТО ПАТУВАЧКО КИНО НОСИ ПРОЕКЦИИ НА ОТВОРЕНО ВО ТЕТОВО, КРУШЕВО И ГЕВГЕЛИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По четврти пат, утре почнува Европско патувачко кино со проекции на отворено во Тетово, Крушево и Гевгелија. Европското патувачко кино како загревање за Синедејс секоја година оди во три различни града ширум земјата и прикажува нови европски филмови.

Фестивалот почнува во Тетово на 14 и 15 јуни на платото пред Европска куќа (Дом на културата), а потоа патува во Крушево на 21 и 22 јуни пред споменикот „Македониум“ и во Гевгелија на 28 и 29 јуни на платото пред Домот на културата.

Во Тетово на 14 јуни прво ќе биде прикажан краткиот македонски филм „Сценариото” во режија на Александра Кардалевска, по што ќе следат музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: Македониум бенд” и концерт на тетовската група „Стоунд хеџ“. Следниот ден се филмот „Стариот даб“ во режија на Кен Лоуч и краткометражниот „Еден тон сладолед” на Сандра Ѓорѓиевска.

Програмата во Крушево започнува на 21 јуни со проекција на краткиот филм „Дали си маж?“, во режија на Ѓорче Ставревски, по што ќе следи „Ефтеркланг: Македониум бенд”. Вечерта ќе заврши со концерт на бендот „Локал блу“ од Скопје. На 22 јуни ќе бидат прикажани францускиот филм „Злосторството е мое” на Франсоа Озон и краткиот филм „Тик-так“ на Јане Алтипармаков.

Европското патувачко кино во Гевгелија ќе започне на 28 јуни со краткиот филм „Кутии“ во режија на Ангела Димеска, по што следуваат „Ефтеркланг: Македониум бенд” и концерт на „Дактили“ од Струмица. Следниот ден ќе можат да се гледаат „Паднати Лисја“ на Аки Каурисмаки и „Имиња“ на Јане Спасиќ.

Проекциите започнуваат во 20:30 часот, а влезот е бесплатен.