ФИЛХАРМОНИЈАТА ЌЕ СВИРИ МУЗИКА ОД ФИЛМОВИТЕ НА КЈУБРИК НА 19 ЈУНИ ВО СКОПСКИОТ ГРАДСКИ ПАРК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 19 јуни од 21 часот е закажан традиционалниот концерт на Филхармонијата во Градски парк во Скопје, а годинава темата е музиката од филмовите на легендарниот режисер Стенли Кјубрик, кој важи за визионер со огромно влијание врз светската филмска уметност.

Концертот е насловен „Одисеја 2024“, инспирирано од неговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја“. Ќе диригира Дијана Имери-Илкоска, а ќе бидат изведени музички теми од Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа филмовите „2001: Вселенска одисеја“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.

„Кјубрик ја гледал музиката како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебни драматургија и естетика“, велат од Филхармонијата.

Фото: М. Аргакијева