Германскиот документарец „Луѓето од гаражите“ на сценаристката и режисерка Наталија Јефимкина вечерва (21 часот) го отвора 12. Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс во Куршумли ан. По него ќе биде прикажан краткиот документарен филм „Џукели“ (Канада, 2019) на Халима Уардири.
Отворањето ќе биде заокружено со настапот на дуото Добрила и Дориан во рамките на музичката програма „МакеДокс: Ноќни приказни“.
Планирано е од 19 до 26 август на четири локации да бидат прикажани над 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории: Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма и Етички идеи. Единствениот македонски филм во програмата е „Цвеќиња на водата“ на Тања Балаќ. Надвор од конкуренција се Земја во фокус – Украина и Програма за деца и младинци.
Фестивалот се одржува под мото „Што сега?“, а главниот фокус ќе биде ставен на дистрибуцијата на документарниот филм и неговата промоција на фестивалите низ Европа.