Германскиот режисер со турско потекло Фатих Акин, чии филмови се исклучително познати и омилени кај македонската публика, попладнево пристигна во Битола, како специјален гостин на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Од фестивалот велат дека Акин се заблагодарил за поканата и рекол дека одамна сакал да дојде на „Браќа Манаки“ и дека се чувствува пријатно во Македонија како да е дома. Утре на „Манаки“ ќе се одржи разговор со него и со Рајнер Клаусман, кинематограферот кој работи само со Акин.
Акин е добитник на награди како Златна мечка во Берлин (2004) и Златен глобус за најдобар филм од странско говорно подрачје (2017).
„Акин е германски режисер со турско потекло, роден во 1973 во Хамбург. Почнал со кратки филмови, а потоа освојувал светски награди, како Златна мечка на Берлинскиот фестивал. За филмот ‘На работ од рајот’ ја доби наградата на жирито во Кан за најдобро сценарио, а во 2017 и 2018 собираше награди за ‘Од ништо’, вклучувајќи го и Златниот глобус“, вели Гена Теодосиевска, директорката на „Браќа Манаки“.