ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО ГО ОТКРИВ НА ГУГЛ И ГО ОДБРАВ ЗА ЛОКАЦИЈА НА ФИЛМОТ „ЗАД СТОГОВИТЕ СЕНО“, ВЕЛИ ГРЧКАТА РЕЖИСЕРКА ПРОЕДРОУ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Зад стоговите сено“ е филм за тоа како обични луѓе стануваат заробени во корупција, вели Асимина Проедроу, режисерката на грчкиот кандидат за Оскар чиј копродуцент е македонската куќа „Сектор филм“, кој утревечер (13 октомври) ќе го отвори 8. издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филмови Киненова во Скопје.

„Филмот се снимаше во време на ковид пандемијата и имаше повеќе предизвици. Соработката беше одлична и благодарение на тоа успеавме, бидејќи снимавме на три различни територии во две држави, Грција и Македонија. Дојранското Eзеро е, всушност, главната локација на која се одвива дејството. Филмот се снимаше во Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во текот на 2021. Дејството на филмот се одвива во 2015, а се работи за рибар кој живее во село на границата меѓу Грција и Македонија“, рече Проедроу на денешната прес-конференција.

Таа додаде дека Дојран како локација го открила на Гугл, откако ѝ било посочено како интересно место за време на нејзиниот престој во Лондон на магистерски студии.

„Зад стоговите сено“ доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија, а беше номиниран во 17 категории. Филмот е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Македонија. Македонски продуценти се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

„Како продукција, низ годиниве внимателно одбираме во кој проект ќе учествуваме и досега имаме искуства со различни земји. Ова беше наша прва соработка со авторка од Грција и уште додека беше проект го видовме во Берлин и сметавме дека е важно да се развие културната соработка помеѓу двете земји“, рече Несторовска од „Сектор филм“.

На прес-конференцијата говореше и српскиот актер Бранислав Лечиќ, годинашен лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност.
„Мене лично наградата ми значи многу. Се разбира, сум добил бројни награди и на меѓународен план и регионално, и во сферата на театарската и филмската работа. Две награди ми се мошне драги, меѓу кои е оваа која вие сега ми ја давате, затоа што на некој начин претставува еден вид затворање на кругот“, кажа Лечиќ.

(Фото: Лечиќ, Проедроу, Несторовска и директорот на Киненова, Небојша Јовановиќ)