Оскаровката Бри Ларсон ги воодушеви гостите на европската премиера на нејзиниот нов филм „Капетанка Марвел“ во Лондон, одговарајќи на прашања од девојче облечено во костум како нејзиниот лик.
Осумгодишната Или беше поканета да ги интервјуира ѕвездите од филмот од непрофитната организација „Женско лидерство“.
Младата обожавателка разговараше со Ларсон и со нејзиниот колега Семјуел Л. Џексон на синиот килим и дури беше дел од официјалните фотографии на филмската екипа.
На премиерата на новиот филм на „Марвел“ присуствуваа и 100 полицајки, војнички, научнички и спортистки, во чест на 100-годишнината од учеството на жените во лондонската полиција.
„Капетанка Марвел“ е прв филм на славното студио со женска насловна улога, а во скопското кино Синеплекс ќе игра од 7 март.