„ГЛАС“ ОД ДЕНЕСКА ВО СКОПСКИТЕ КИНА 19 ГОДИНИ ПО „НЕСКРШЛИВ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Продолжението на филмот „Нескршлив“ од 2000 година, „Глас“, повторно во режија на Ем Најт Шјамалан, од денеска игра во кината Синеплекс и Милениум.

Брус Вилис се враќа како Дејвид Дан, а Семјуел Л. Џексон како Елајџа Прајс, познат по својот псевдоним, господинот Глас. Тие се спојуваат со главните ликови од „Поделен“, па Џејмс Мекавој ќе ја репризира улогата на Кевин Вендел Крамб со многубројните личности со кои живее. Надоврзувајќи се на приказната од крајот на „Поделен“, Глас го наоѓа Дан во потрага по натчовечката верзија на Ѕверот.

Во Синеплекс игра и комичната драма „Неспојливи“ со Кевин Харт, Брајан Кренстон и Никол Кидман. Станува збор за римејк на францускиот филм „Недопирливи“ од 2011.

Сцена од комедијата „Неспојливи“

„Се работи за тотално различни луѓе, кои доаѓаат од два различни света. Дел Скот има криминално минато и доаѓа од опасниот њујоршки кварт Бронкс, a Филип Лакас е парализиран, депресивен милијардер, кој живее во луксузен пентхаус во Менхетн. Емотивен и полн со добар хумор, филмот зборува за неочекуваното пријателство кое се појавува помеѓу овие двајца потполни странци“, најавува киното.