Оскаровките Џоди Фостер и Хелен Мирен, холивудските ѕвезди како Марион Котијар, Адам Драјвер, Џесика Частејн, Меги Џиленхал, Спајк Ли, манекенката Бела Хадид синоќа продефилираа на црвениот килим на канската Крозаета и го вратија гламурот и сјајот на француската ривиера.
Ланското издание не се одржа поради ковид пандемијата.
За Златна палма годинава за првпат ќе се трка и македонски филм, краткиот игран филм „Северен пол“ на македонската режисерка Марија Апчевска. „Северен пол“ е избран меѓу 10-те кандидати за престижната награда од пријавените 3.739 филмови, а проекцијата е закажана на 16 јули.
Фестивалот ќе трае до 17 јули, а во конкуренција за престижната Златна палма се едни од најголемите современи режисерски имиња. Новите филмови на канската Кроазета ќе ги претстават Пол Верховен, Нани Морети, Вес Андерсон, Бруно Думон, Апичатпонг Верасетакул, Надав Лапид, Франсоа Озон, Асгар Фархади, Жак Одијар, Илдико Енједи, Миа Хансен-Лове, Кирил Серебреников, меѓу вкупно 23 филма во трката за Златната палма.