Новиот високобуџетен мафијашки филм на Мартин Скорсезе, „Ирецот“, ќе има светска премиера на Њујоршкиот филмски фестивал, што ќе го отвори на 27 септември.
Снимен за 125 милиони долари, „Ирецот“ е еден од најисчекуваните филмови на легендарниот филмаџија, имајќи предвид дека тој ќе ги обедини Роберт де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши, негов прв по девет години пауза.
„Ова е тип на филм што веќе го имаме работено заедно и по кој сме познати, но овој има поинаква гледна точка. Поминаа доста години и сега гледаме на работите на еден посебен начин“, изјави Скорсезе.
Иако во продукција на стриминг сервисот „Нетфликс“, филмот има големи амбиции во сезоната на награди и затоа подоцна ќе игра во избрани кина. Скорсезе претходно кажа дека „Нетфликс“ единствен бил подготвен да прави вака амбициозен филм, што се базира на книга на Чарлс Брант за мистериозното убиство на контроверзниот синдикален лидер Џими Хофа. Тој исчезна во 1975 и седум години подоцна законски е прогласен за мртов.