„ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ НА ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ПРОМОВИРАН ВО БУЕНОС АИРЕС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ беше прикажан на 26. издание на престижниот филмски фестивал БАФИЦИ (Buenos Aires International Festival of Independent Cinema) во Буенос Аиерс, Аргентина. На трите проекции присуствуваше и режисерот Гоце Цветановски, кој пред присутните зборуваше за долгогодишното креирање на филмот, предизвиците и честа да се биде дел од еден од водечките фестивали за независен филм во светот.

„Проекциите во Буенос Аирес завршија со многу интересни средби, се радувам на секој разговор за овој филм. Ова е дестинација на која би сакал да се вратам со следниот проект, а работите веќе се движат во таа насока“, рече Цветановски, додавајќи дека засега не може да открие повеќе детали.

Директорот на фестивалот Хавиер Порта Фоуз пред публиката рече дека за првпат филм од Македонија е дел од овој фестивал. Предизвик бил и преводот, оти во Аргентина живеат само 12 Македонци.

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска и е поддржан од Агенцијата за филм. Светската премиера ја имаше во октомври на 57. издание на Фантастик филм фестивал во шпанскиот град Ситџес, а набргу потоа беше и домашната на фестивалот Киненова.