„КАКО ДА СЕ ПРЕЖИВЕЕ ПАНДЕМИЈА“ ГО ОТВОРА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА ДОКУМЕНТАРЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со светската премиера на „Како да се преживее пандемија“ на американскиот документарист Дејвид Франс, вечерва почнува 24. Солунски фестивал за документарци. Филмот на Франс истражува како се развиваше откривањето на причините за пандемијата на ковид-19 од врвните научници, фармацевтската индустрија и примарните здравствени работници, среде политичкиот притисок, зголемената смртност и тивката борба на интереси.

Солунскиот фестивал годинава има 3 селекции со по 12 филма за наградите Златен Александар и Специјална награда на жирито кои носат и по 10.000 односно по 5.000 евра. Победникот во главната конуренција се квалификува и за влез во трката за Оскар вгодина. Во кината, како и онлајн вкупно ќе се прикажат 233 долгометражни и краткометражни документарци.

Сцена од „Куќа од иверка“. (Фото: ТДФФ)

За поддршка на Украина по воената инвазија од Русија које е во тек, фестивалот пред почетокот го прикажа „Далечниот лаеж на кучињата“ на данскиот режисер Сајмон Леренг Вилмонт, за децата како најневините жртви на конфликтот во источна Украина, кој во 2018 освои Златен Александар во Солун. Приходот од проекцијата е наменет за организацијата „Гласови на децата“ која ги поддржува децата во воените области во Украина. Најновиот филм на Вилмонт „Куќа од иверка“ е во главната конкуренција за награда, а е за мала група социјални работници кои се грижат за децата кои живеат во непосредна близина до првата линија на војната во Украина.

Сцена од „Втората шанса“. (Фото: ТДФФ)

Во главната конкуренција за награди меѓу другите се и „Втората шанса“ на американскиот автор Рамин Бахрани кој ја расплетува спектакуларната и амбивалентна приказна за пронаоѓачот на панцирниот елек, како и „Спантон против француската полиција“ на повеќеслојниот француски уметник Овиди кој потсетува дека насилството врз жените останува отворена рана на современиот свет, расветлувајќи го случајот што го шокираше француското општество.

„Фестивалот ја истражува оваа постреалност што моментално ја доживуваме, преку избор на филмови кои смело ги опишуваат хероите, антихероите, скриените тајни и призматичните вистини што го отсликуваат прагот што го поминуваме. 10-те долгометражни и кратки документарни филмови го смируваат стравот и неизвесноста, бидејќи нè потсетуваат дека сите празни страници што се отвораат пред нас, колку и да изгледаат страшно, носат во себе океан од можности“, велат организаторите за главната тема на фестивалот Постреалност.

Сцена од „Спантон против француската полиција“ . (Фото: ТДФФ)

Фестивалот ќе оддаде признание на латвиската режисерка Лаила Пакалина и на финскиот автор Вирпи Сутари со ретроспектива на нивните филмови.

Солун затвора на 20 февруари со „Слепа амбиција“ на Ворик Рос и Роб Коу, за бегалци од Зимбабве кои во Јужна Африка стануваат вински сомелиери и го создаваат првиот тим од својата земја кој се натпреварува во оценувањето вино на слепо – што се смета за олимпијада во винскиот свет.

М. КОСТОВА