ЌЕ ВИДИТЕ ДЕКА СЕ КАРАВМЕ, АМА И ЗАБАВУВАВМЕ, ВЕЛИ РИНГО СТАР ЗА НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА „БИТЛС“

Лондон, (Би-Би-Си)

По минатонеделната премиера во Лондон, новиот документарец за „Битлс“ од оскаровецот Питер Џексон, „Beatles: Get Back“, од денеска е достапен на стриминг платформата „Дизни+“.

Режисерот на „Господар на прстените“ и „Хобит“ сними осумчасовен документарец во три дела. Тој реставрирал над 50 часа снимки од периодот кога бендот работел на својот последен студиски албум „Let It Be“ во 1970.

Целта на филмот е да ги демистифицира распаѓањето на славната четворка и нивниот однос во последните заеднички месеци и да ја прикаже во поубаво светло. Документарецот ги следи Ленон, Макартни, Харисон и Стар во јануари 1969 додека се подготвуваат за нивниот прв концерт после две години. Архивскиот материјал открива дека „Битлс“ напишале и снимиле 14 нови песни за албум за само три недели.

„Имавме подеми и падови, но низ сето тоа, во што и самите ќе се уверите во верзијата на Џексон, многу се забавувавме, што во првиот документарец не беше прикажано“, вели Стар.

Компанијата „Епл корпс“ му дозволила на Џексон да прегледа околу 60 часа архивски снимки кои со децении биле заклучени.

„Погрешно е верувањето дека мојот татко е виновен за распаѓањето на ‘Битлс’. Тоа јасно се гледа на овие прекрасни, досега необјавени снимки“, рече модната дизајнерка Стела Макартни.

Документарецот го содржи и последниот јавен настап на „Битлс“, 40-минутен концерт на покривот на зградата на нивната фирма во Лондон, кој сега првпат е прикажан во целост.