КИНОТЕКАТА ОДБЕЛЕЖУВА 60 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МИЛТОН МАНАКИ СО ДВЕ ПРОЕКЦИИ НА 5 МАРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во чест на 60 години од смртта на Милтон Манаки, на 5 март во Кинотеката ќе се прикажат документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки и опусот од 42 филма кои овие балкански кинематографски пионери ги снимиле со култната „камера 300“.

Од 18 часот, Роберт Јанкулоски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на Македонскиот центар за фотографија, ќе одржи презентација под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“.

Потоа следува проекцијата на „Манаки – Приказна во слики“ (2018, 70 минути), во режија на Јанкулоски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкулоски. Филмот преку оригинални документарни фотографии го следи професионалното патешествие на браќата Манаки, од отворањето на првото фотографско ателје во 1898 во Јанина, до нивната преселба во Битола, каде што покрај фотографско ателје, градат и киносала и почнуваат да се бават професионално со киноприкажување на филмови.

Од 20 часот ќе има проекција на 42-та филмски наслови на браќата Манаки, кои Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот архив на Македонија.