Вечерва од 21 часот, во дворот на Кинотеката премиерно ќе се прикажат два документарни филма по повод 57-годишнината од скопскиот земјотрес. Во соработка со Македонскиот центар за фотографија ќе се прикажат „Првата светска војна, сеќавања”, 30-минутен филм на Роберт Јанкулоски и „Преживеани спомени“ (36 минути) на авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска.
„Првата светска војна, сеќавања” е посветен на македонскиот фронт и на жртвите од Првата светска војна. Филмот е сниман во Македонија, Србија и Швајцарија и финансиски е поддржан од швајцарската амбасада во земјава.
„Филмот ‘Преживеани спомени’ е дел од проектот ‘Фотографијата сведок или жртва’, реализиран во 2014 година, во кој осум наши сограѓани евоцираат спомени како го преживеале земјотресот и што е она што засекогаш ќе го паметат од тоа летно утро. Филмот е направен како дел од посложена уметничка инсталација и за првпат ќе се проектира надвор од поставката“, најавува Кинотеката.
Овој проект беше финансиран од амбасадата на Холандија во Северна Македонија.