Краткометражниот игран филм „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески освои две награди на фестивалот Парадизо, за најдобро сценарио и за најдобар филм со социјална тема. Фестивалот се одржа од 2 до 4 август во Палермо, Сицилија.
Филмот, кој е продукција на „Минимал колектив“, е приказна за момче кое расте со самохрана мајка и кое обидувајќи се да одговори на предизвикот од својот сосед, ја добива својата прва лекција по животна иронија.
Улогите ги играат Сашко Коцев, Душица Настова, Драгана Костадиновска, Александар Микиќ, Анастасија Ласовска, Лила Милиќ, Мими Таневска-Србиновска и младиот Данило Ивановски во улогата на Марко. Сценариото и режијата се на Ставрески, директор на фотографија е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценограф Симо Бранов, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Жанета Димитриевска, а дизајнер на звук е Бојан Паликуќа. Продуцент на филмот е Ивана Шекуткоска.