„Леди Бирд“, режисерското деби на актерката Грета Гервиг, се наметна како голем фаворит во претстојната сезона на филмските награди, откако стана најдобро оценетиот филм на сите времиња на влијателниот сајт „Ротен томатос“.
Оваа комична драма ја освои публиката во САД и сѐ уште го одржува стопроцентниот рејтинг на сајтот со 170 позитивни оценки. На тој начин го урна 19 години стариот рекорд на анимираниот филм „Приказна за играчките 2“, кој има беспрекорен учинок од 163 осврти.
„Ги вложивме срцето и душата во овој филм и сега им го препуштаме на публиката и критичарите. Тоа што филмот имаше така топол прием е остварување на сон. Ние сме на седмо небо“, изјави 34-годишната Гервиг, која, истовремено, е и сценарист на филмот.
Сурша Ронан, која зад себе има две номинации за Оскар, ја предводи релативно непознатата млада актерска екипа.
Освен овие два филма, само уште седум други држат стопроцентен рејтинг на „Ротен томатос“, но со помалку осврти: „Граѓанинот Кејн“, „Сѐ за Ева“, „Пееме на дожд“, „Север-северозапад“, „М“, „Седум самураи“ и „Дванаесеттемина гневни луѓе“.