ЛЕГНУВАВ СО ЧЕРЧИЛ, СТАНУВАВ СО ГЕРИ ОЛДМАН, ВЕЛИ СОПРУГАТА НА БРИТАНСКИОТ АКТЕР

Беверли Хилс, (АП)

Холивуд мораше да потроши еден тон шминка, пред 30-годишната кариера на Гери Олдман да биде крунисана со голема награда.

Еден од најразновидните актери на денешнината доби Златен глобус за улогата на Винстон Черчил во „Најмрачниот час“ и потоа ѝ се заблагодари на својата сопруга Гизел Шмит што го трпеше со целата таа шминка.

За улогата на Черчил, Гери Олдман секој ден го шминкаа по четири часа

„Таа им кажа на свои пријатели дека оди во кревет со Винстон Черчил, а се буди со Гери Олдман. Мислам дека ова е подобро отколку да беше обратно“, откри Олдман.

Иако отсекогаш сметан со голем талент, ова му беше прва номинација за Златен глобус, а има една и за Оскар, но сега тој се издвои како најголем фаворит за освојување на најпрестижната филмска награда.

Олдман призна дека никогаш не очекувал да ја добие оваа награда, откако своевремено ја нарече беззначајна, поради начинот на којшто се гласа.

„Почестен сум и изненаден што бев повикан на оваа сцена“, кажа 57-годишниот Британец, а потоа му оддаде признание и на својот шминкерски тим.

„Вие сте вистински уметници. Бевте многу трпеливи, а поминавме низ 63 апликации“.

Тој поминуваше четири часа во шминкањето секој ден, поради што понекогаш станувал во два часот по полноќ, а испуши и незадраво големо количество пури.

„Јас тежам 30 килограми помалку од Черчил. Не ми беше проблем психолошки да навлезам во ликот, туку физички“, призна Олдман.