„М“ НА ВАРДАН ТОЗИЈА ДОБИ НАГРАДА ВО ИНДУСТРИСКАТА ПРОГРАМА ЗА НЕЗАВРШЕНИ ФИЛМОВИ ВО ПУЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот игран филм „М“ на режисерот Вардан Тозија доби награда од 12.000 евра во индустриската програма за незавршени филмови на Интернационалниот филмски фестивал во Пула. Наградата ја спонзорира чешкото студио „Слипвокер“ со пакет постпродукциски услуги за обработка на звукот вреден 12.000 евра.

„М“ е вториот филм на Тозија, а доби поддршка од 330.000 евра од македонската Агенција за филм во јануари 2018. „М“ се најавува како копродукција помеѓу Северна Македонија, Хрватска, Косово и Франција.

„М“ во Пула беше во конкуренција со уште десет селектирани меѓународни филмски проекти во фаза на постпродукција, а го презентирал продуцентот Дарко Попов од продукцијата „Фокус покус“. Секој филм конкурирал со исечок долг 5 минути, а за наградата одлучи жирито во состав Сајмон Пери (британски продуцент), Вања Калуѓерчиќ (уметничка директорка на Филмскиот фестивал во Ротердам) и Хавиер Анри Рашид (сопственик на агенција за продажба на филмови).

„Фокус покус“ вели дека филмот „М“ е дистописка бајка за осумгодишниот Марко, кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус, е во потрага по мајка си.