МАКЕДОКС ОТВОРА СО ФИЛМОВИ ОД САД И ИРАН И СО КОНЦЕРТ НА ЗАРИНА ПРВАСЕВДА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (15 август) во Куршумли ќе се отвори јубилејното 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс. Ќе се одржува до 22 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и во новиот простор „Лабораториум“ во Скопје.

Програмата на отворањето од 20.30 часот содржи проекција на два документарни филма: краткиот филм „Како се мери годината?“ (САД, 2022, 29 мин.) на Џеј Розенблат и долгометражниот „Целулоидно подземје“ (Велика Британија/Иран, 2023, 80 мин.) на иранскиот автор Ехсан Кошбахт.

По филмските проекции, во рамките на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, во Куршумли ан концерт ќе има Зарина Првасевда, а првата вечер ќе заврши со диџеј сет на Ишјан Твин.

Мотото на јубилејното издание на МакеДокс е „Копање емоции низ времето“.

Фото: Од ланскиот МакеДокс