Седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје ќе се одржи од 21 до 23 ноември, а темата е корупцијата и улогата на медиумите во вечната антикорупциска борба. Содржините и оваа година се бесплатни.
„Трите фестивалски дена носат интересни дискусии, но и богата филмска програма, почнувајќи со денешната македонска премиера на наградуваниот филм ‘Лекциите на Блага’, кој ќе се прикаже во Кинотеката. Во оваа морничава и напната драма, пензионираната професорка Блага станува жртва на телефонска измама поради која останува без животната заштеда, по што добива примамлива, но сомнителна понуда за работа“, најавува организаторот, Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА).
Отворањето е во Кинотеката, а следните два дена фестивалот се сели во „Котур кафе“. Вториот ден почнува со претставувањето на хрватскиот новинарски фестивал „Медиуми во времето“, по што ќе се прикажат два кратки документарни филма од учесници во Програмата за млади новинари на ПИНА.
Вториот фестивалски ден го затвора „Седум зими во Техеран“ за трогателната судбина на младата девојка од Иран, Рејхане Џабари.
На 23 ноември ќе дискутираат учесничките во Програмата за новинарки на ПИНА и ќе се прикажат „Целосна доверба“ за сè понадгледуваното кинеско општество и „Фантомски папагал“.
(Фото: Од ланското издание на Медиумскиот фестивал)