Филмската програма во јуни во Кинотеката почнува на 1 јуни, со проекцијата на македонскиот филм „Лена и Владимир“, по сценарио на Александар Русјаков, а во режија на Игор Алексов. Проекцијата е закажана во 20:15 часот, а потоа ќе има разговорот.
Во јуни филмските проекции ќе бидат во Летното кино „Мис Стон“ во дворот на Кинотеката.
Од Кинотеката најавуваат проекции на филмови со музички сензибилитет, Филозофскиот филмски фестивал, ревија на португалскиот филм претежно од 1970-тите години на минатиот век, како и јубилејни проекции по повод 100-годишнината од раѓањето на легендарниот американски актер Марлон Брандо.
Премиера ќе има новиот филм на Софија Копола, биографскиот „Присила“, кој е базиран на мемоарите на Присила Присли „ Елвис и јас“.
На големо платно ќе се прикажат музичките и рекламните спотови на македонскиот режисер Милчо Манчевски.
„Музичките спотови на Манчевски не се само визуелно импресивни, туку и симболично богати. Тој успева да раскаже сложени приказни во краток временски формат, користејќи симболи и метафори кои ги прошируваат значењата на песните. Неговите спотови често ги истражуваат темите на љубовта, загубата, надежта и човечката природа, нудејќи длабоки емоционални искуства за гледачите. Со иновативни визуелни решенија, богата симболика и внимателна монтажа, Манчевски создава спотови што остануваат во меморијата на гледачите долго по завршувањето на песната. Токму затоа овие кратки форми се здобија со повеќе награди кај нас и во светот“, велат од Кинотеката.
Концептуално, се продолжува со филмот „Д Хип-Браинсторм“, во режија на музичкиот документарист и филмски критичар Јане Алтипармаков.
Годинашното издание на Филозофскиот филмски фестивал ќе го карактеризираат и филмовите во коишт доминира филмската актерска легенда Марлон Брандо. Филмовите се по повод стогодишнината од раѓањето на великанот Брандо, и се проектираат во оригинален, 35 мм формат.
Во дигитален формат е понудата на неколку филмови од португалската кинематографија. Станува збор за ремастерирани копии на општествено ангажираните, неколку децении стари филмски творби.
На крајот на јуни е фестивалот „Скопје синема сити“.
Фото: Сцена од „Лена и Владимир“