МАНЧЕВСКИ И СКОРСЕЗЕ ЌЕ ГИ ПРЕТСТАВАТ НОВИТЕ ФИЛМОВИ НА РИМСКИОТ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новиот филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски, „Врба“, ќе има светска премиера на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим (17-27 октомври), а меѓу 30-ина филмови што ќе се прикажат се и новото дело на култниот Мартин Скорсезе, „Ирецот“, како и филмот што го режираше Едвард Нортон. Проекцијата на „Ирецот“ е закажана на 21 октомври.

Снимен за 125 милиони долари, „Ирецот“ е еден од најисчекуваните филмови на легендарниот филмаџија, имајќи предвид дека успеа да ги обедини Роберт де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши.

Рим е најмладиот меѓу елитните пет-шест фестивали во светот. Како и Торонто, и во Рим нема награди. Во Рим ќе дојдат и Бил Мареј и Вајола Дејвис, кои ќе добијат награда за животно дело, како и некои од најзначајните современи режисери, како Јапонецот Хироказу Коре-еда и Французите Бертран Таверние и Оливје Асајас.

Многу наскоро по светската, ќе се случи и македонската премиера на „Врба“, а ќе игра и во киносалите низ земјава.

Филмот се снимаше од 25 октомври близу прилепското село Крушевица, во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, во Преспа и на крај во Скопје (Фото: Продукција на „Врба“)

„Приказната е за три мајки, млади мајки. Една приказна се случува во средниот век, а другите две се современи и тие се надополнуваат, отсликуваат, а во исто време се контраст една на друга. Тоа се љубовни приказни во кои главната тема е лојалност и односот на општеството кон поединецот и на поединецот кон општетството. Овде има среќен крај“, откри денеска Манчевски за филмот што се снимаше лани од октомври до декември по негово сценарио.

Главните улоги ги играат младите актери Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Ненад Нацев, покрај Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

Директор на фотографијата е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукцијата е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, костимите се на Жаклина Крстевска и Унгарката Ѓерѓи Сакач, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг директорка е Милка Анчевска.

Б. НЕСТОРОСКА