МОНОГРАФИЈАТА ЗА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ОД МАРИНА КОСТОВА ДОСТАПНА ЗА БЕСПЛАТНО СИМНУВАЊЕ НА СТРАНАТА НА КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Монографијата „Манчевски“ на филмската критичарка и новинарка на Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, Марина Костова, за Милчо Манчевски, најнаградуваниот македонски режисер, е достапна на веб-страницата на Кинотеката. Монографијата може бесплатно да се симне на следниов линк.

Монографијата „Манчевски“, во издание на „Арс Ламина-публикации“, привлече големо внимание кога беше промовирана во 2015 и сѐ уште предизвикува голем интерес кај филмските фанови, читателската публика и љубителите на добро дизајнирани книги.

Повеќегодишниот комплексен, меѓународен и мултидисциплинарен публицистички проект од кој произлезе оваа монографија на Костова во 2018 ѝ ја донесе наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, највисоката државна награда за новинарство и публицистика.

„Оваа обемна (на 650 страници) компилација од текстови, белешки и фотографии дава увид во досегашната кариера на еден од најоригиналните и најиновативни современи режисери и уметници. Аспектите на творештвото на Милчо Манчевски како филмски автор, фотограф, концептуален уметник и писател во оваа книга се истражени низ продлабочени анализи на осуммина филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметност од САД, Велика Британија, Германија, Австралија, Ирска, Шведска и Македонија. Оригиналниот дизајн на книгата е на германскиот графички дизајнер Матијас Хајпел“, велат од Кинотеката.

За спецификите на филмскиот израз пишува Конор Мекгрејди во „Фрагменти, слоеви и временска испрекинатост: опсервации за филмските дела на Милчо Манчевски“.

Филмскиот првенец на Манчевски, долгометражниот „Пред дождот“ (1994), го анализираат Ен Киби во „Теорија на сликата“, Ијан Кристи во „Бесконечна приказна“ и Сашо Александар Ламбевски во „Чувствувајќи го параноикот, шизото и депресивецот: Семиотичка анализа на емотивната архитектура на Македонија во ‘Пред дождот’“.

За „Прашина“ (2001) пишуваат Ерик Тангерстад во „Кога приказната ја крие приказната: Наративната структура на ‘Прашина’ (2001) на Милчо Манчевски“ и Ирис Кронауер во „Бришење на Прашина во Венеција“.

Катерина Колозова е автор на анализите „’Сенки’ на Манчевски: Сексуалност и меланхолија“ и „За ‘Мајки’ на Манчевски: Анатомија на мизогинијата“.

За ликовниот опус на македонскиот режисер пишуваат Конор Мекгрејди во „Време, нарација и приказ: Делото на Милчо Манчевски во перформанс и фотографија“ и Соња Абаџиева во „Концептуални практики во ликовните наративи на Милчо Манчевски“.

Голема збирка архивски факсимили – продукциски белешки, сториборди, писма, лични белешки, рецензии и интервјуа – исто така се дел од книгата, со намера да фрлат светло врз процесот на работа на авторот, како и на приемот на неговото дело кај публиката и критиката. Овие архивски материјали, грижливо избрани од морето архивска граѓа, интегрално ја дополнуваат сликата за опусот на авторот.

Дел од книгата се и теориски есеи и проза на Манчевски, кои го заокружуваат увидот во неговото творештво.

Што се однесува до меѓународната дистрибуција на монографијата, само во 2017 и 2018 околу 120 примероци се испратени до национални и универзитетски библиотеки, кинотеки, научни институции и академици во над 60 земји на сите континенти.

Меѓу другите, книгата е веќе дел од колекциите на Британската библиотека, Библиотеката на Конгресот на САД, Холандската кралска библиотека во Хаг, Јавната библиотека при Центарот Помпиду во Париз, Француската кинотека, универзитетите Кембриџ, Оксфорд, Јеил, Харвард и Стенфорд, Филмскиот центар на Јапонија, националните библиотеки на Нов Зеланд, Јужна Африка, Тајван, Иран, Катар, Индија, Индонезија, Тајланд, Грција, Албанија и Израел, универзитетски библиотеки во Австралија, Канада, Аргентина, Бразил, Доминиканска Република, Кина и Русија, библиотеката на легендарното списание за филмска уметност „Каје ди синема“, Њујоршката јавна библиотека, Државната филмска академија на Куба во Хавана и на музејските библиотеки на МоМА и Метрополитен музејот во Њујорк.

Ја има и во најдобрата книжарница во Њујорк „Сент Маркс букшоп“, како и на официјалната веб-страница на режисерот Манчевски (www.mancevski.com).