ОБЈАВЕНИ АКТЕРИТЕ КОИ ЌЕ ГИ ГЛУМАТ ЧЛЕНОВИТЕ НА „БИТЛС“ ВО ЧЕТИРИТЕ ФИЛМА НА СЕМ МЕНДЕС

САД, (АП)

Режисерот Сем Мендес и официјално ги објави актерите кои ќе ги глумат членовите на „Битлс“ во четирите биографски филма што ќе ги снима, по еден за секој член. Сите филмови ќе излезат истовремено: во април 2028.

Мендес гостуваше на годишниот филмски настан СинемаКон во Лас Вегас, при што на бината излезе со четворицата актери кои ќе бидат ѕвездите на филмовите, претставувајќи ги Харис Дикинсон како Џон Ленон, Пол Мескал како Пол Макартни, Бери Киоган како Ринго Стар и Џозеф Квин како Џорџ Харисон.

Сем Мендес со ѕвездите на филмовите (Фото: Гети)

„Не правиме само еден филм за ‘Битлс‘, ќе правиме четири. Можеби, тоа е шансата да ги разбереме малку подлабоко. ‘Битлс‘ ја редефинираа културата, тие се најзначајниот бенд на сите времиња“, изјави Мендес.

Тој откри дека со години се обидувал да сними филм за „Битлс“, но на крајот се откажал, зашто приказната е преголема за еден филм, а не сакал да прави ТВ-серија.

Проектот на Мендес доби поддршка од Стар, Макартни и од семејствата на Ленон и Харисон. Досега се снимени десетици документарци и 18 биографски филма за „Битлс“, но ова е првпат сопственикот на правата на групата „Епл“ да даде целосна дозвола за снимање филм.

(Фото: ПА)