ОД ДЕНЕС ДО НЕДЕЛА ПРВО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА ЕВРОПСКИ АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Од денес до недела во паркот на  Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи првото издание на Филмскиот фестивал Флипбук, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во земјава и Агенцијата за филм. Влезот е слободен.

Станува збор за настан кој ја промовира уметноста на современиот европски авторски анимиран филм, но и промоција на македонски авторски филмови и македонски студентски филмови.

„Од пристигнатите повеќе од илјада кратки филмови од цела Европа, беа селектирани 87 филмови во три натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм. Во главната селекција на најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 25 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година, меѓу кои победници на Санденс, Берлинале, Анеси, номинирани за Оскар. Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат  25 филмови. Оваа категорија е посебно интересна бидејќи авторите своите филмови ги прават за време на своето студирање на европските филмски академии и можат да си дозволат целосна авторска слобода и експериментирање со медиумот“, велат од фестивалот.

Во главната, студентската селекција и во панорамата ќе бидат прикажани  осум македонски анимирани филмови, повеќето премиери за македонската публика, новите филмови на Иван Андреевски, Вук Митевски, Саша Станишиќ и студентските филмови на Сандра Јовановска и Кристијан Савиќ.

Поради ситуацијата со коронавирусот, фестивалот ќе има и онлајн издание, на платформата Синесквер каде филмовите ќе може бесплатно да се гледаат.