ОСКАРИ 2021 – ГЛЕН КЛОУЗ ИЗГУБИ ПО ОСМИ ПАТ, ТРИУМФОТ НА ЕНТОНИ ХОПКИНС ГО УПРОПАСТИ КРАЈОТ

Лос Анџелес, (АП)

Земја на номади“ очекувано беше прогласен за најдобар филм на 93. Оскари, но тоа не значи дека вечерта помина без изненадувања.

Кога сите очекуваа емотивен крај на церемонијата во една од халите на главната железничка станица во Лос Анџелес, покојниот Чедвик Боузман остана без оскарот за најдобар актер. Место него, Хоакин Феникс го прочита името на сер Ентони Хопкинс, што беше антиклимакс на вечерта, зашто тој не беше присутен ни во Лос Анџелес, ни во студиото во Лондон за да ја прими статуетката за филмот „Татко“. Хопкинс наводно бил во родниот Велс, а организаторите од старт ја исклучија можноста за обраќање по пат на Зум.

И годинава имаше црвен тепих, но без вообичаена гужва (Фото: ЕПА)
  • Со 83 години, Хопкинс е најстариот актер кој освоил оскар, што доаѓа 29 години по неговиот прв триумф за „Кога јагнињата ќе стивнат“.
  • Френсис Мекдорманд се израмни со Мерил Стрип со третиот триумф, а пред нив е Кетрин Хепберн со четири. Таа прими уште еден оскар ноќеска, како еден од продуцентите на „Земја на номади“.
  • Глен Клоуз и од осми обид не успеа да се закити со оскар и отсега со Питер О‘Тул ќе ја дели титулата на најголем губитник во историјата на Холивуд.
  • Композиторката Дајен Ворен, пак, беше поразена по 12. пат и сѐ уште го чека својот прв оскар.
  • Клое Жао е само втора жена која освои оскар за најдобра режисерка, 11 години по Кетрин Бигелоу.
  • Ен Рот го доби вториот оскар во кариерата, за костимите во „Ма Рејни: Мајка на блузот“, а со 89 години стана и најстарата добитничка досега.
  • Иако Чедвик Боузман важеше за голем фаворит, Питер Финч и Хит Леџер остануваат единствените актери на кои посмртно им беше доделен оскар.
  • Ја-Џанг Јун („Минари“) ѝ го донесе првиот актерски оскар на Јужна Кореја, една година по големиот триумф на „Паразит“.