ПЕРФЕКЦИОНИЗМОТ НА КЈУБРИК НА ГОЛЕМА ИЗЛОЖБА ВО ЛОНДОН (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Лондон, (АФП)

Легендарни предмети од „Сјаење“ и „2001: Одисеја во вселената“, кои го претставуваат перфекционизмот на Стенли Кјубрик, се во фокусот на новата изложба во Лондoн, посветена на големиот американски режисер.

Кураторот Дејан Суџиќ вели дека посетителите можат да се запознаат со универзумот на Кјубрик и со неговата специјална поврзаност со Велика Британија преку 700 предмети, скици, макети, филмски извадоци и интервјуа, кои го пренесуваат целиот процес на подготвување и снимање на 13-те филмови во 50-годишната кариера.

Поставката почнува со фокус на симетричната перспектива на Кјубрик од една точка (Фото: Дезин)

Изложбата се совпаѓа со 20-годишнината од смртта на Кјубрик и е еден вид омаж на режисерот кој се преселил во Британија во раните 1960-ти години. Тој почина во 1999 во неговата куќа во близина на Лондон.

Меѓу најславните предмети на изложбата се секирата на Џек Николсон од „Сјаење“, вознемирувачките костими од „Пеколен портокал“ (19710 и венецијанските наметка и маска на Том Круз од „Очи широко затворени“ (1999).

Костимите од „Сјаење“ (Фото: Дезин)

„Секој филм што го снимил е толку различен. Истражувал во сите жанрови, историски филм, воен, хорор, научна фантастика. Од поставката можете да ги почувствувате драмата и возбудата за филмовите кои ги снимал“, вели кураторот.

Костимот од „Пеколен портокал“ (Фото: Дезин)
Оригинален реквизит од „2001: Одисеја во вселената“ (Фото: АФП)
Макета за воената соба во „Д-р Стрејнџлав“ (Фото: Дезин)