ПОБЕДНИКОТ НА КАНСКИ ФЕСТИВАЛ И НОВИОТ ФИЛМ НА ФАРХАДИ ВЕЧЕРВА НА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Актуелниот победник на Кански фестивал и новиот филм на Асгар Фархади ќе бидат прикажани во кино Милениум во денешната Гала програма на Фестивалот на европски филм Синедејс.

Од 20 часот е „Крадци“, крими драмата на јапонскиот режисер Хироказу Кореда, кој беше награден со Златна палма во Кан оваа година.

„Сите знаат“, новиот филм на угледниот ирански режисер Фархади, е на репертоарот од 22.30 часот. Дејството на филмот се случува во Мадрид и во главни улоги се најголемите шпански актерски ѕвезди Пенелопе Крус и Хавиер Бардем. И „Сите знаат“, исто така, имаше светска премиера во Кан.

Вечерта во кино Фросина почнува со документарецот за легендарниот англиски музичар Морисеј, „Англија ми припаѓа мене“ (19 часот), по што следува краткиот македонски филм „Малина“ (21 ч.), во времетраење од 14 минути. Режија и сценарио се на Анастасија Лазарова, а играат Сара Климовска, Ивана Павлаковиќ, Стефан Спасов, Бојан Кирковски и Амернис Нокшиќи-Јовановска.

Од 21.15 часот е романскиот филм „Не допирај ме“.