Долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов премиерно ќе се прикаже денеска (18 април) од 20 часот во кино Фросина во Скопје.
„’Време на бетон’ ја раскажува приказната за Скопје, поточно неговата архитектонско-урбанистичка историја. Особен фокус е ставен на модерната, која го следи градот од почетокот на 20. век, посебно кусата ера на брутализмот. Што доведе до овој подем во време кога е тоа најпрогресивен правец во светската архитектура? Која е неговата вредност и зошто тој со децении е предмет на политичка конфронтација, идентификација и антагонизам? ‘Време на бетон’ претставува обид да ги деконструира и објасни овие феномени“, велат од продукцијата „Скопје филм студио“.
„Време на бетон“ е снимен по сценарио на Иванов и Томи Салковски, кој е и продуцент. Автор на нарацијата која го води филмот е новинарот Ѕвездан Георгиевски, а наратор е актерот Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова.
Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.