СО ПРОЕКЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ „СТЕЛА“ ВЕЧЕРВА СЕ ОТВОРА НОВО КИНО ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Со проекцијата на новиот македонски игран филм „Стела“, вечерва се отвора кино во Велес. Киното е инвестиција на Општина Велес од 67.000 евра и се наоѓа во просториите на поранешната сала „Бели мугри“, која работеше во рамките на Градската библиотека „Гоце Делчев“.

„Набавени се дигитален кинопроектор, перфориран екран за киноприкажување со вкупна површина од 27,54 квадратни метри и сараунд систем за озвучување, уредена е просторијата од каде ќе се проектираат филмовите и извршени се градежни работи во салата. Сцената во салата е прилагодена за кино и мултимедијални настани. Се одлучивме на отворањето да биде прикажан филмот ‘Стела’ оти е прв детски филм од македонско производство“ , изјави градоначалникот Аце Коцевски.

Салата која инаку има капацитет за 240 гледачи, согласно протоколите за работа на кината, ќе може да прими 80 гледачи. Филмот ќе се прикаже во два термина, од 17 и 19:30 часот, во чест на претстојниот празник 11 Октомври. По втората проекција, получасовен настап ќе има групата „Љубојна“ со музиката од филмот.

Последната претстава во старото кино „11 Октомври“ беше во март 2005. Од април 2013, по добивањето на дигитален кинопроектор, филмови, пред сѐ, македонски, се прикажуваа во Велешкиот театар. Откако во 2018 проекторот се расипа, во Велес престанаа да се прикажуваат филмови, освен неколкуте проекции летоска преку киното со автомобили.

П. ПЕЧКОВ