Тринаесет средношколци од Македонија од вчера онлајн го следат 50. издание на најстариот светски филмски фестивал за деца „Џифони“. Оваа година, нашите претставници се принудени да учествуваат од Скопје, од просториите на „Џифони Македонија“, од каде што имаат директна видеоврска со киносалите во Џифони, Италија.
Место планираните 7.500 деца од цел свет, пред филмското платно во киносалите во Џифони оваа година ќе седнат само 610, а онлајн ќе им се придружат уште 2.000 учесници од 32 градови од Италија и од 14 други европски земји. Меѓу нив се и 13 средношколци од Македонија, кои фестивалот го следат преку видеостриминг и конференциска врска, со што „Џифони“ успеа да го одржи меѓународниот карактер.
На програмата секој ден ќе има по два филма, како и други проекции и средби со филмски ѕвезди, како Ричард Гир, Силвестер Сталоне, Дејзи Ридли и Брајан Кренстон.