„Старите вредности во нови контексти“ е фокусот на програмата на Кинотеката за февруари. Кинотеката годинава слави 50 години, а една од основните дејности на филмската институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата за февруари.
Програмата ќе стартува со премиерна проекција на филмот „Слобода“, краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Потоа ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Ќе се прикаже и дигитално реставрирана копија на филмот на Срѓан Карановиќ од 1988, „Засега, без добар наслов“ во кој игра Мето Јовановски, кој почина минатата година.
Кинотека одлучи да потсети на филмовите создадени во 1940-тите, 1950-тите, 1960-тите, 1980-тите, 1990-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, велат оттаму, станува збор за циклуси на браќата Манаки и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во кинотечната понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Ќе има и проекции на пет документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
На програмата се и „Наполеон“ на Ридли Скот со Хоакин Феникс во главната улога, како и „Убијци на цветната месечина“ на Мартин Скорсезе.
На крајот на месецот ќе има два филма со музичка содржина. Познатиот „Томи“, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите „Панкрти“. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Фото: Мето Јовановски и Мира Фурлан во „Засега, без добар наслов“ (Филмски центар на Србија)