СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА „БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ ВО САО ПАУЛО

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Петтиот игран филм на Милчо Манчевски „Бикини Мун“, синоќа имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, најголемиот фестивал во Латинска Америка и еден од најголемите во светот.

„Многу ме израдува бразилската публика: ангажирана, фокусирана, активна, подготвена за учена дискусија, за прашања, за опсервации и пофалби. Разговорот стварно беше одличен, длабок. ‘Бикини Мун’ е филм кој бара многу од публиката, не е филм кој се гледа со едно око и публиката во Сао Пауло потврди зошто одлучивме баш тука да ја имаме светската премиера. За филмот допрва почнува животот, ама за мене заврши ова поглавие на најубав начин“, изјави режисерот Милчо Манчевски, кој пред премиерата учествуваше на дебата на тема „Моралноста и документарниот филм“, а по проекциите има разговор со бразилската публика.

На премиерата филмот го претстави директорката на фестивалот Рената де Алмеида, а ќе има вкупно пет проекции во програмата специјални презентации, јави „Банана филм“.

Куриозитет е дека за првпат играат два филма од ист автор на еден фестивал – светска премиера на „Бикини Мун“ и бразилска премиера на кусиот експериментален „Крајот на времето“.

Интересот за присуството на Манчевски во Сао Пауло е голем, денот на премиерата беше резервиран за бројни интервјуа за бразилските и меѓународните медиуми. Меѓу нив имаше и разговор со бразислкиот професор Родриго Фонсека, кој  филмот „Прашина“ на Манчевски го предава како пример за постмодерна.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“. Играат и Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е младиот њујоршки „вундеркинд“ Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.

„Бикини Мун“ е снимен во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учестува Македонија.