ТУРСКИОТ ФИЛМ „ЗАЕДНО, САМИ“ ПОБЕДИ НА ГАЛИЧНИК ФИЛМ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Филмот „Заедно, сами“ на турскиот режисер Касим Ордек ја доби Гран при наградата на 4. Галичник филм фестивал, кој заврши синоќа.

За наградата, во конкуренција од 33 карткометражни филмови, одлучи тричлената жири-комисија составена од актерот Сашко Коцев, продуцентката Елена Станишева и режисерот Георги Унковски. Во одлуката стои дека филмот е награден поради „зрелиот израз на суптилно и емотивно раскажување на една навидум тривијална приказна, која допира длабоко до сечие срце“.

Организаторот, „Дарма филм“ соопшти дека на главните актери во „Заедно, сами“, Еџем Узун и Мерт Доган им припаднаа и наградите за најдобра женска и најдобра машка улога за нивниот одличен актерски израз, кој со ненаметливост и со леснотија прикажува комплексни човечки судбини.

Наградата за најдобро сценарио му припадна на швајцарскиот режисер Зоел Ешбахер за неговиот краткометражен филм „Фер игра“ .

Поетичниот израз на една осетлива тема раскажана на храбар начин од страна на грчката режисерка Софија Георговасили во филмот „Мемоар за застрашувачка бура“ ја понесе наградата за најдобра режија.

Канадскиот режисер Ллојд Ли Кои е добитник на наградата за најдобра кинематографија за неговиот филм „Сé по старо“.

Наградите за најдобар краткометражен филм според трите натпреварувачки категории на фестивалот припаднаа на филмот „Ти ветив рај“ на режисерот Морад Мостафа од Египет во категоријата за најдобар игран филм, филмот „Ева“ на руската режисерка Олга Смирнова ја доби наградата за најдобар документарен филм, додека пак за најдобар анимиран филм, наградата ја понесе полската режисерка Ева Смик со „Носталгија за дома“.