„Волшебниот од Оз“ од 1939 година е највлијателен филм на сите времиња, покажа истражувањето на Универзитетот во Торино. Најблиски ривали на класикот со Џуди Гарланд беа „Војна на ѕвездите“ и „Психо“.
Вкупно 47.000 филмови беа вклучени во истражувањето, кое мерело колку филмови се повикале или биле поврзани со еден одреден наслов.
Резулатите покажале дека првите 20 највлијателни филмови, се снимени пред 1980 година, најмногу во САД.
„Работевме со алтернативен метод од листите на киноблагајните, на кои најмногу влијаат рекламирањето и дистрибуцијата, како и критиките, кои знаат да бидат субјективни“, вели шефот на истражувањето, Ливио Биоџлио.
„Направивме алгоритам кој користи референци помеѓу филмови како мерка за успех, и кој може да биде искористен за да ја оцени кариерата на режисерите, актерите и актерките, со мерење на нивното учество во највисоко рангираните филмови“, додаде тој.
Најуспешни актери, според алгоритамот, се Семјуел Л. Џексон, Клинт Иствуд и Том Круз.