Од денеска до сабота, во Скопје ќе се одржува фестивалот на светлосна уметност „Лајт арт дистрикт“. Тој годинава ќе испрати пораки за заштита на животната средина преку одговорни одлуки и начин на живот да се чуваат природата и нејзините богатства.

Маршрутата ќе се движи од Камениот мост, преку зградата на МЦМ до Градски парк и на посетителите ќе им понуди многубројни светлосни инсталации што ќе ги оживеат објектите во центарот на градот.

За полесна комуникација, запознавање со уметниците и нивните дела и следење на утврдената мапа на движење, направена е Андроид апликација која посетителите ќе можат да ја симнат на своите мобилни телефони и да ја користат за време на фестивалот.

Mеѓународниот фестивал на светлосна уметност е во организација на Универзална сала и Град Скопје, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија и Францускиот институт во Скопје.