Досега невидени рестриктивни мерки доведоа до затворање на 40.000 кина низ САД, што го натера Холивуд да откажува премиери на нови филмови.
Планираните премиери за март и април се веќе одложени, но „Волт Дизни“ ги откажа и сите нови изданија за мај, што ќе го опфати и долгоочекуваниот „Блек Видоу“ со Скарлет Јохансон.
Големите киноланци се обидоа да останат отворени и покрај најавите од Холивуд дека ќе бидат одложени сите планирани премиери и препораките да се одржува социјална дистанца, но Доналд Трамп во понеделникот ги забрани сите собири со повеќе од 100 луѓе за да се спречи ширењето на коронавирусот. „Еј-Ем-Си“, најголемиот ланец на кина во САД, вчера објави дека ги затвора сите свои сали, што ќе трае од шест до 12 недели.
„Волт Дизни“ и дефинитивно ја одложи премиерата на „Блек Видоу“, што беше закажана за 1 мај, исто како и на „Дејвид Коперфилд“.
Киносалите се затворени и во најголемиот дел од Европа, исто како и во Кина и Индија, со што филмската индустрија е една од најпогодените од пандемијата на коронавирусот. Се проценува дека загубите би можеле да бидат 20 милијарди долари.