Откако во досегашниот дел од сезоната на филмски награди трката беше неизвесна, „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ сега се издвои како голем фаворит на претстојните Оскари, откако освои четири Златни глобуси на доделувањето во Беверли Хилс.
Сепак, самите награди паднаа во сенка на она што се случуваше во Холивуд во изминатите неколку месеци, па темата борба против сексуалното вознемирување се истакнуваше и низ говорите и низ облеката, откако речиси сите актери и актерки се придружија на кампањата „Времето истече“, носејќи црно.
„Долго време, никој не ги слушаше жените кога ја кажуваа вистината за моќта на мажите. Но, нивното време истече! Нивното време истече!“, порача Опра Винфри во говорот по примањето на наградата за животно дело, кревајќи ја целата сала на нозе.
ДОБИТНИЦИ НА ЗЛАТЕН ГЛОБУС
- Најдобар филм: „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ (драма) / „Леди Бирд“ (комедија/мјузикл)
- Режисер: Гилјермо дел Торо („Обликот на водата“)
- Актер: Гери Олдман („Најтемниот час“, драма) / Џејмс Франко („Катастрофалниот уметник“, комедија/мјузикл)
- Актерка: Френсис Мекдорманд („Три билборди пред Ебинг, Мисури“, драма) / Сурша Ронан („Леди Бирд“, комедија/мјузикл)
- Споредна улога: Сем Роквел („Три билборди пред Ебинг, Мисури“) / Алисон Џени („Јас, Тонја“)
- Сценарио: Мартин Мекдона („Три билборди пред Ебинг, Мисури“)
- Музика: Александр Деспла („Обликот на водата“)
- Странски филм: „Од никаде“ (Германија)
- Анимиран филм: „Коко“
- ТВ-серија: „Приказната на слугинката“ (драма) / „Извонредната госпоѓица Мејзел“ (комедија)